December 7, 2022 20:03
Економија

Годишната стапка на инфлација во Белгија 11,27 отсто, највисоко ниво за пет децении

Годишната стапка на инфлација во Белгија се искачи на 11,27 отсто во септември, што е највисоко ниво во речиси пет децении, покажуваат официјалните податоци објавени денеска.

Таа цифра, која во претходниот месец изнесуваше 9,94 отсто, е највисока за Белгија од август 1975 година, објави белгискиот завод за статистика Статбел. Главната причина за брзиот раст на инфлацијата во последните месеци беа високите цени на енергијата.

„Енергијата во моментов има стапка на инфлација од 60,54 отсто и учествува со 5,39 процентни поени од вкупната инфлација”, се вели во соопштението. Цените на храната, исто така, се зголемија во изминатите месеци, соопшти Статбел.

„Инфлацијата на прехранбените производи (вклучувајќи ги и алкохолните пијалоци) овој месец изнесува 10,40 отсто, а придонесот на прехранбените производи во инфлацијата во моментов е 2,03 процентни поени”, се додава во соопштението.

Стапката на инфлација во Германија се искачи на 10 отсто во септември, достигнувајќи ново највисоко ниво откако заводот за статистика располага со споредливи податоци, поттикнати од забрзаниот раст на цените на енергијата и храната. Во август стапката на инфлација изнесуваше 7,9 отсто.

Проценката за септември го покажува најсилниот раст на цените од 1996 година.

Агенцијата ДПА истакнува дека некои сојузни држави не забележале толку висока стапка на инфлација од 1950-те.

Цените на енергијата во септември биле за 43,9 отсто повисоки во однос на истиот месец лани, покажуваат пресметките на Дестатис. Во август се зголемени за 35,6 отсто. Забрзан е и растот на цените на храната, на 18,7 отсто, од августовските 16,6 отсто.