Спорт

Гнабри пак маестрален, резервистите ја спасија Аргентина од пораз против Германија

Германија и Аргентина одиграа реми 2-2 на пријателски натпревар вечерва во Дортмунд.

Германците доминираа во првото полувреме и заслужено водеа со 2-0. Серж Гнабри ја продолжи фантастичната форма и ги доведе домашните во водство од 1-0 во 16-тата минута. Со овој погодок фудбалерот на Баерн Минхен испиша нова историја во германската репрезентација, бидејќи стана најбрзиот фудбалер со 10 голови. За ваков ефект му беа потребни само 11 натпревари и го сруши претходниот рекорд на Мирослав Клосе кој до 10 голови стигна по 13 натпревари.

Гнабри потоа во 22-та минута му асистираше на младиот Каи Хаверц за 2-0, кој пак го постигна својот дебитански гол во сениорската репрезентација на Германија.

Во второто полувреме по влегувањето на Лукас Окампос и Лукас Аларио работите се променија. Аларио во 66-тата минута погоди за 2-1, а во 85-тата минута му асистираше на Окампос за конечни 2-2.