February 3, 2023 20:23
Скопје

Глигоров: Застојот во јавниот превоз има политички одек, МВР да реагира согласно законски овластувања

Застој во вршење на јавниот превоз нема поради ЈСП, туку поради блокадата која има политички одек. Го повикуваме МВР да реагира и согласно законски овластувања да преземе мерки, истакна на денешната прес-конференција генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.

Тој напомена дека уште на самиот почеток на решавање на ова прашање, од страна на Градот беа понудени соодветни решенија.

-Меѓутоа, на некого тие решенија очигледно не му одговарале дали заради злоупотреба или политички влијанија допрва ќе видиме. Се надевам за многу краток временски период тоа ќе излезе пред лицето на вистината. Во оваа насока, а со цел заштита на јавниот интерес, го повикуваме МВР да реагира согласно законски овластувања да преземе мерки, бидејќи од еден приватен личен интерес врши штета на градот, на граѓаните како и сите чинители и жителите на градот Скопје, рече Глигоров.

Во однос на јавниот повик, Глигоров посочи дека станува збор за техничка операција, иста како, и претходниот јавен повик врз основа на којшто беа ангажирани претходните чинители во вршењето на оваа функција.

Тој потенцираше дека има огромен интерес, а особено од оние лица кои и досега биле ангажирани, коишто возеле одредени линии.  

-Во однос на јавниот повик сакам да кажам дека тој е отворен и ги нудиме сите опции. Значи, нема ограничувања. И на овој начин со него сакаме да овозможиме секој којшто чесно работи да врши дејност согласно правила и закон и на тој начин да може да обезбеди соодветно функционирање на својата фамилија, да обезбеди соодветно обезбедување на секојдневните свои потреби, додаде Глигоров.

Што се однесува до должничко-доверителски односи, тој потенцираше дека во моментов исклучително интензивно се врши ревизија на ситуацијата, а резултат од завршената ревизија точно ќе ја утврди состојбата.  

-Сакам да повторам, застој во обавувањето на јавниот интерес од аспект на вршењето на јавниот превоз од страна на ЈСП нема. ЈСП целосно ја обавува својата функција. Застојот е заради политички блокади или личен интерес на поединци коишто го загрозуваат јавниот интерес, додаде Глигоров.

Глигоров на денешната прес-конференција одби да даде одговор на новинарските прашања поврзани со застојот во градот.