November 24, 2020 06:15
Македонија

Гласаа студентите на УАКС, поворно го избраа Доналд Трамп за претседател на САД

По повод претседателските избори во САД, Факултетот за политички науки при Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) традиционално, по четврти пат, организира специјален настан и симулација на гласање.

– Годинава, на 29 октомври, се одржа вебинар со Ерик Елиот, претставник на Амбасадата на САД во Скопје, кој го претстави американскиот изборен модел и спецификите на претседателските избори во 2020 година. Студентите од УАКС имаа можност да поставуваат прашања, а како дел од вебинарот се организира и симулација на гласање, соопшти УАКС.

Според резултатите од студентското гласање на УАКС, како што посочваа, Доналд Трамп е повторно избран за претседател на САД.

Дали ваквиот исход ќе се совпадне со резултатите од гласањето на американските граѓани, останува да се види по 3 ноември, денот на претседателските избори во САД. Според досегашното искуство, изборот на студентите на Универзитет Американ Колеџ Скопје секогаш се совпаѓал со конечниот исход, поточно – студентите на УАКС три пати го имаат погодено резултатот на претседателските избори во САД, со изборот на Барак Обама во првиот и вториот мандат, како и со изборот на Доналд Трамп во првиот мандат, се наведува во соопштението.