December 1, 2022 16:50
Свет

Гејтс со скептична порака до Западот: Јавете му се на Путин, па кажете му дека не ви треба

Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, изјави дека Европа зимава би можела да се соочи со „многу застрашувачка ситуација“.

Тој предупреди дека зголемувањето на цените на енергијата ширум регионот може да значи дека луѓето нема да можат да ги загреат своите домови, поради напорите на некои нации да ја отфрлат руската енергија без никаква алтернатива, пренесува Раша тудеј.

Од него беше побарано да го коментира подкастот на новинарот на Блумберг за „спектакуларно лошата перспектива за Европејците поради зголемените цени на енергијата оваа зима.

„Разликата во количината природен гас која ви е потребна во многу ладна зима во однос на блага зима ќе ги изненади луѓето. Тоа е речиси фактор три“, изјавил тој, па додаде: „Така што подобро е да се надеваме дека зимата ќе биде прилично блага… Доколку зимата е многу ладна и остра, компромисите се многу, многу тешки, вклучувајќи го и ограничувањето на индустриската употреба (на енергија) во поголем дел, за што луѓето всушност не се подготвени“.

Гејтс е скептичен во врска со изјавите на некои од западните земји, дека ќе го запрат купувањето руска енергија во знак на одмазда за конфликтот во Украина, сугерирајќи дека Европа ќе мора да остане зависна од тој увоз за некое време.

„Значи, кога луѓето ќе ми кажат: Еј, ние гo сакаме твојот став за климатските промени затоа што можеме да му кажеме на Путин дека тој не ни треба“, продолжил Гејтс, додавајќи саркастично: „Јас велам, да, 10 години од сега… Јавете му се и кажете му дека не ви треба“.

Гејтс изјави дека повторното активирање на електраните на јаглен и потпирањето на други помалку зелени извори на енергија е „прагматично“ и дека тоа би било добро за климата на други патеки, додека пак во краток домет едноставно мора да се пронајде било какво решение, па дури и доколку тоа да значи емисијата да расте.