January 16, 2021 01:29
Свет

Германски власти: Мерките на затворање доведоа до делумен успех

Државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“ објави дека мерките на затворање во Германија се делумно успешни, но дека бројот на новоинфицирани е сè уште преголем.

„Бројот на нови инфекции е сè уште многу голем, ситуацијата е сè уште сериозна“, рече Лотар Вилер, директор на институтот „Роберт Кох“ (РКИ), за време на неделното обраќање до јавноста. Тој истакна дека мерките на затворање воведени на почетокот од ноември го стабилизирале бројот на новоинфицирани, но дека тој број сепак е голем.

„Она што предвидовме се случува: текот на болеста станува сè потежок, што особено ги погодува постарите пациенти над 80-годишна возраст. Ние сè уште треба да сметаме на голем број смртни случаи“, рече Вилер, додавајќи дека за тоа придонесува и сè почестата појава на инфекција во домовите за стари лица.

„Веќе не е секогаш можно да се следи изворот на инфекција кај новоинфицираните лица“, рече Вилер.

Директорот на Институтот „Роберт Кох“ ги повика граѓаните да продолжат да се придржуваат кон мерките за хигиена, држење дистанца и носење маски.

РКИ исто така препорачува воведување на засилено тестирање на персоналот во училиштата и градинките.