November 29, 2022 05:34
Свет

Германските разузнавачи стравуваат дека Северниот тек може да биде трајно неупотреблив

Германските безбедносни агенции стравуваат дека системот Северен тек ќе стане трајно неупотреблив по големата катастрофа на гасоводот во Балтичкото Море.

Повикувајќи се на неименувани извори во германската влада, берлинскиот весник „Тагес Шпигел“ објави дека ако истекувањето од две линии на гасоводот „Северен тек 1“ не се санираат брзо, големи количини солена вода може да навлезат во гасоводите и да предизвикаат корозија, објави „Ројтерс“.

Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт денеска потврди дека германската воена морнарица се вклучила во истрагата околу инцидентот со истекување гас од гасоводниот систем „Северен поток” во Балтичкото Море. Таа додава дека ситуацијата мора да се разјасни и бргу да се идентификуваат одговорните.

„Наводната саботажа на гасоводот е дополнителен потсетник за тоа колку сме зависни од критичната инфраструктура, вклучувајќи ја и онаа што ја имаме под површината на морето”, се вели во соопштението од нејзиниот Кабинет.

Норвешката полиција ги зголемила безбедносните мерки околу нафтените и гасните инсталации на своја територија, поради сомневања дека е извршена саботажа на гасоводниот систем „Северен поток” во шведските и данските национални води, соопшти денеска националниот полициски директорат без да даде поединости.

Руската амбасада во Данска утринава соопшти дека Русија побарала од Копенхаген да достави информации за штетата на гасоводниот систем „Северен поток” штом ќе завршат проценките, јавија руски медиуми.

Во понеделникот беа откриени истекувања на гас од системот на гасоводот „Северен поток” во шведските и данските води на Балтичкото Море, при што Европската унија и НАТО изразија уверување дека инцидентот е последица на саботажа.