November 30, 2020 11:46
Македонија

Германската амбасада донираше санитетско возило за прилепската болница

Прилепската градска болница „Борка Талески” за своите потреби доби донација – санитетско возило. Донацијата е на Германската амбасада, овозможено преку невладиниот Центар за граѓански иницијативи.

Според заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, задоволство е што може да се помогне на потребите на прилепската градска болница, особено што се знае дека во здравствениот систем на Република Северна Македонија еден од проблемите е транспортот на пациентите.

-Среќни сме што може да го поддржиме Прилеп со едно санитетско возило. Се надеваме дека овој мал придонес ќе им помогне на граѓаните, особено во овие специфични услови со пандемијата, но се надевам и посакувам дека што помалку ќе има потреба да се користи, изјави заменик-амбасадорот Ото Граф.

Драган Богоески, директор на прилепската градска болница заблагодарувајќи се на донацијата нагласи дека секоја донација е добредојдена, а санитетското возило е потреба.

– Новото санитетско возило ќе биде од голема корист во спасувањето на животите на пациентите и нивниот транспорт на клиниките во Скопје. И јас се надевам што помалку да се користи, рече Богоески.