August 13, 2022 21:23
Свет

Германија ќе има министерка за надворешни работи, прва жена на таа функција

Потпретседателката на германските Зелени, Аналена Баербок ќе стане нова министерка за надворешни работи и прва жена на оваа функција, објави нејзината партија.

40-годишната Баербок ќе ја преземе функцијата на почетокот на декември, како дел од владината коалиција формирана во средата со социјалдемократите и либералите.

Зелените, исто така, објавија дека нивниот втор потпретседател, Роберт Хабек, ќе раководи со „супер министерство“ кое ги комбинира климата и економијата.

Аналена Баербок ќе го замени социјалдемократот Хајко Мас во Министерството за надворешни работи. Покрај тоа што е првата жена, таа е и најмладата личност на таа позиција во германската историја.

За време на предизборната кампања, Баербок вети дека ќе ја оживее германската дипломатија, особено со поостар тон кон Русија и Кина.

На Европската унија и треба силна, отворена, но активна германска надворешна политика, рече таа во мај.

Противничката на гасоводот „Северен тек 2“, кој треба да овозможи транспорт на руски гас и адвокатка која е специјализирана за меѓународно право, вели дека понаков пристап кон авторитарните режими е од клучна важност за идната влада, безбедноста и вредностите.