December 1, 2020 18:06
Балкан

Германија за подобра перспектива на младите од Западен Балкан

Реформите ги прават земјите од Западен Балкан попривлечни за инвестиции и интеграција во економските текови на ЕУ, што значи поголем просперитет за населението и значително подобри изгледи за младите, изјави денеска германскиот државен секретар за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаил Рот.

Во Берлин се одржува конференција за млади и миграција, а Рот во интервју за Дојче веле рече дека ЕУ се грижи младите низ Европа да можат да ги искористат можностите и во својата татковина и на други места на континентот.

Во исто време, не е добро за една земја ако премногу млади луѓе ги спакнуваат куферите, затоа што тогаш недостасува професионална работна сила, иновации и социјална динамика, додаде Рот.

Тој истакна дека затоа Сојузната Влада е толку интензивно посветена на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Образованието и квалификациите се клучот за унапредување на земјите од Западен Балкан, рече тој.

– Ние се ангажираме, на пример, на Западен Балкан преку Здружението за меѓународна соработка ГИЗ, меѓу другото и во областа на дуалното образование. Сакаме да придонесеме за можностите за образование и работно искуство во нашата земја, така што добро квалификуваните луѓе можат да се вратат во своите земји, но мора да стане двонасочна, нагласи Рот.

На прашањето што им нуди Германија на младите од Западен Балкан за да останат во своите земји, тој изјави дека ЕУ сака силно место во европскиот блок за земјите од Западен Балкан.

– Во ЕУ, слободата на движење на луѓето е една од главните вредности. Но, како што реков, ние сакаме младите да бидат слободни во нивниот избор, да не се чувствуваат принудени да ја напуштат својата татковина. За тоа се потребни перспективи на самото место. Затоа ние опсежно му помагаме на регионот во неговиот развој, пред се преку ЕУ, но и билатерално, рече Рот.

– На самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб минатата пролет, му дадовме на располагање на Западен Балкан 3,3 милијарди евра за борба против Ковид-19 и последиците од пандемијата, додаде тој, истакнувајќи дека Европската комисија претстави економски и инвестициски пакет на почетокот на октомври во вредност од девет милијарди евра, што треба да ја модернизира економијата на Западен Балкан.

– Политиката на проширување на Европската комисија е многу јасна: земјите од Западен Балкан мора да ги исполнат строгите критериуми. Водечката мисла е: Ние испорачуваме, вие испорачувате! Тоа значи, ЕУ е подготвена да го прифати регионот во својот круг и да го охрабри патот на идеи, проекти, експертиза и многу пари. Но, за возврат очекуваме вистински реформи, заклучи Рот.