August 14, 2020 23:47
Свет

Германија го одби предлогот на Трамп за Русија

Германија го отфрли предлогот на американскиот претседател, Доналд Трамп, да го покани рускиот претседател, Владимир Путин, на состанокот на Г7.

Русија беше исклучена од Г7 во 2014 година, а Трамп минатиот месец посочи дека Г7 може повторно да се прошири, пренесува „Ројтерс“.

Сепак, германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, изјави дека не гледа никаква можност да ѝ дозволи на Русија да се врати во Г7 сè додека не се постигне значителен напредок во решавањето на конфликтот во Крим и источна Украина.

„Г7 и Г20 се два координирани формати. Не ни требаат повеќе Г11 или Г12“, рече Мас за предлогот на Трамп, покрај Русија, другите земји да бидат поканети на состаноците на Г7.

Мас истакна дека односите со Русија во моментов се тешки во многу области, но дека е неопходна Русија за решавање на конфликтите во Сирија, Либија и Украина.