Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска денеска потврди дека продолжува притисокот врз Софија за што поскоро почеток на преговорите со Скопје за влез во ЕУ.
„Има притисок и сега продолжува, но нашиот став е јасен – очекуваме Северна Македонија да почне да го спроведува Договорот и да обезбеди вклучување на Бугарите во Уставот на нивната земја“, изјавила таа на бугарските новинари во Брисел.
„Северна Македонија мора да преземе јасни конкретни чекори за да обезбеди дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка ќе почне да се спроведува и ќе продолжи да се спроведува. Очекуваме конкретни активности“, рекла Генчовска.
Според министерката, вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не би било доволно за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Таа додала дека официјалниот став на Бугарија е еден.
„Има претставници на кабинетот и различни институции кои, се надевам, веќе разбраа дека Бугарија не може да има две надворешни политики. Ако има некаков напредок за тоа како ќе се развиваат нашите односи со Северна Македонија во иднина, сето тоа ќе помине низ одлука на Националното собрание“, порачала министерката.