December 5, 2022 22:22
Свет

Генералниот секретар на ОН повика на окончување на ерата на „нуклеарни уцени”

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на крај на ерата на „нуклеарна уцена”.

„Студената војна го донесе човештвото на неколку минути од уништување. Денес, неколку децении по падот на Берлинскиот ѕид, повторно слушаме нуклеарни закани”, рече Гутереш синоќа на специјалната седница на Генералното собрание на ОН по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за целосно укинување на нуклеарното оружје.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата седмица предупреди дека ќе користи нуклеарно оружје за да ја одбрани својата земја.

„Ерата на нуклеарна уцена мора да заврши”, повика вчера Гутереш.

Минатата недела Соединетите Американски Држави соопштија дека користеле приватни канали за да ја предупредат Русија да престане да се заканува со нуклеарно оружје, пренесувајќи и дека ќе претрпи „катастрофални последици”.

Инаку, вчерашниот беше последниот ден од дебатите за општа политика во рамките на 77-та годишна сесија на Генералното собрание на ОН. Некои од најжестоките критичари на Западот ја искористија највисоката светска дипломатска платформа за да ги обвинат САД и нивните сојузници дека се обидуваат да ја наметнат својата волја врз светот.

Сирискиот министер за надворешни работи Фајсал Мекдад ги повика силите на меѓународната коалиција предводена од САД да ја напуштат неговата земја.

Постојаниот претставник на Северна Кореја во Обединетите нации, Ким Сонг, рече дека „Корејскиот полуостров е вметнат во маѓепсан круг на тензии и конфронтации поради растечкото непријателство од страна на САД”, отфрлајќи ја пораката што американскиот претседател ја пренесе од истата говорница неколку дена претходно.

Претседателот Џо Бајден конкретно не ја спомна Сирија, но накратко ја критикуваше Северна Кореја дека „продолжува бесрамно да ги крши” санкциите наметнати од Обединетите нации поради нејзините нуклеарни активности.

„Да бидам јасен, никогаш не сме признавале такви резолуции на ОН што вршат притисок затоа што ги сметаме за американски цели, едноставно потврдени од меѓународната заедница”, изјави севернокорејскиот дипломат.