December 1, 2021 12:57
Македонија

Генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Марија Шмид ја заврши посетата на Северна Македонија

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, денеска ја заврши својата дводневна посета на Северна Македонија. Во рамки на својата посета, таа ѝ честиташе на земјата за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година и понуди целосна поддршка во подготовката и остварувањето на оваа важна должност.

Во рамки на посетата, Шмид се сретна со претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Охрабрена сум од фокусот на Владата кон владеењето на правото, и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Ќе дадеме сè од себе за да помогнеме во решавањето на постоечките и новите предизвици, вклучително и транснационалните закани. Северна Македонија е севкупен придонесувач кон регионалната стабилност и безбедност, давајќи добар пример за своите соседи и пошироко, рече Шмид, се вели во соопштението од ОБСЕ.

За време на нејзината посета, Шмид исто така, се сретна и со претставници од локалното граѓанско општество со кои дискутираше за предизвиците поврзани со родово базирано насилство, социјална кохезија, младинско учество, добро владеење, и влијанието на КОВИД-19 врз најранливите групи на граѓани, како што се лицата со попреченост.

-Соработката со граѓанското општество е клучен елемент во работата на ОБСЕ. Благодарна сум за можноста да научам повеќе за постоечките предизвици и да разговарам за тоа како ОБСЕ може дополнително да даде поддршка во нивното решавање, рече Шмид, се вели во соопштението од ОБСЕ.

Шмид, исто така, ја посети и Теренската канцеларија на ОБСЕ во Тетово, се сретна со персоналот и разговараше за теренските активности на Мисијата насочени кон зајакнување на меѓуетничките односи и социјалната кохезија.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, кој ја придружуваше Шмид, рече дека Мисијата во Скопје ќе продолжи да ги поддржува клучните стратешки реформи во земјата и дека со нетрпение очекуваме да соработуваме со Владата во подготовките за претседавањето со ОБСЕ, се вели во соопштението од ОБСЕ.