June 19, 2019 05:24
Општини

Гевгелија ја има најмодерната депонија за комунален отпад во Македонија

Гевгелија ја има најмодерната депонија за комунален отпад во Македонија

Пред една недела во близина на гевгелиското село Ново Конско беше пуштена во употреба новата најмодерна депонија за комунален отпад во Македонија што се простира на површина од 20.000 метри квадратни и има капацитет од 50 тони отпад дневно.

Депонијата, чија вредност изнесува околу еден милион евра, грант од владата на Јапонија преку програмата за развој на УНДП, ќе биде од времен карактер за период од пет години по што ќе стане дел од регионалниот систем за справување со комуналниот отпад во југоисточниот плански регион.

Општина Гевгелија, според градоначалникот Сашо Поцков, од модерната депонија ќе има огромен бенефит со двојно значење затоа што ќе се овозможи дислоцирање на дивата депонија кај Сува река која е оценета како втора најризична депонија во Македонија, сместена во близина на Пречистителната станица и создавање на најсовремени услови за дистрибуција и складирање на комуналниот отпад во Гевгелија, со што општината ги обезбедува потребните предуслови за остварување на одржливиот економски и еколошки развој.

Инженерот по животна средина,Марјан Михајлов,вели дека ова е првата депонија во Македонија што исполнува услови за санитарна депонија според постоечкото национално законодавство.

-Времената комунална депонија кај Ново Конско ќе обезбеди финално отстранување односно површинско депонирање на неопасен комунален отпад на место што е претходно подготвено.Самото депонирање подразбира одложување на отпадот на водонепропустна подлога со која е покриена депонијата,таканаречена вештачка мембрана.Сето тоа ќе се прави на контролиран начин со дневно компактирање и поставување покривка од земја со цел да се спречи разнесување и запалување на отпадот.Депонирањето ќе се врши во хидроизолирани услови со поставување глина и синтетички непропустливи материјали и во депонијата нема да се одложуваат опасни материјали,како на пример медицински отпад и друго,рече Михајлов.

Со почетокот на работата активностите на депонирање и самата локација ќе бидат предмет на редовно следење и контрола од персоналот, надлежната општинска инспекција и државниот инспекторат за животна средина.

Почетокот на работата на најмодерната депонија за комунален отпад кај Гевгелија е поврзан со добивање дозвола за депонирање и Б интегрирана еколошка дозвола кои се очекува многу брзо да се добијат како и со асфалтирање на пристапниот пат до депонијата што е обврска на општина Гевгелија, која според градоначалникот Поцков, ќе чини дополнителни 12 милиони денари.

Нови вести

Георгиески: Фабриката за лаги на ВМРО-ДПМНЕ пуштена на најако

24news

Во мај почнува изградбата на адреналинскиот парк во Карпош

Valentina

УЈП во Аеродром ќе работи до утре до 18 часот

Valentina