April 6, 2020 02:56
Спорт

Гвардиола: Ништо не е готово

Тренерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер сити, шпанскиот стратег Пеп Гвардиола по триумфот на неговиот тим против Реал во Мадрид (2:1) во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите истакна дека борбата за пласман во следната фаза сè уште не е завршена.

– Начинот на кој игравме е многу важен. Се обидовме да победиме. И ние се снајдевме на овој стадион и покрај водството на Реал. Но, ова е само првиот дел. Тимот покажа дека е во состојба да се извлече од оваа ситуација благодарение на своето искуство. Се разбира, ова е добар резултат пред реваншот, изјави Гвардиола.

Тој им замери на своите избраници за начинот на кој го примија голот.

– Не смееме да примаме такви голови. Во нападот бевме добри. Создававме шанси во текот на целиот натпревар, но Куртоа бранеше многу добро. Победата на „Сантијаго Бернабеу” е големо задоволство. Не сме навикнати на вакви резултати, но ова укажува на тоа дека можеме било каде да победиме, нагласи шпанскиот тренер.

Реваншот во Манчестер е закажан за 17 март.