December 1, 2021 13:06
Балкан

Вучиќ за Милановиќ :Тој е изборот на граѓаните на Хрватска, а со тоа и нивен претставник

Обидите да се конфронтираат и меѓусебно да се дискредитираат на хрватските и српските политичари не престануваат. Секоја укажана шанса да ја исфрлат на површина меѓусебната нетрпеливост ја користат максимално. Последната препирка започна со изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ упатена на адреса на својот српски колега Александар Вучиќ, на што не му останаа должени од другата страна.

Милановиќ денеска оцени дека Србија „нема силна и вистинска намера“ да се приклучи кон ЕУ, сметајќи дека е пречка што српскиот претседател Александар Вучиќ „беше еден од најистакнатите поттикнувачи на војна во 90 -тите години“.

Претседателот на Србија, Вучиќ на ваквите етикети порача дека не сака да одговори со навредливиот речник на Милановиќ, оти ја почитувал хрватската држава, но неговата желба била српската држава да биде поуспешна во економијата. Вучиќ настапот на Милановиќ кон него го оцени како вознемирувачки, бидејќи  Србија годинава ќе ја надмине Хрватска во однос на вкупниот износ на БДП, со разлика од 300 до 600 милиони евра.

-Да го навредам Милановиќ не ми паѓа на памет, тој е изборот на граѓаните на Хрватска, а со тоа и нивниот имиџ и можност, така што не ни помислувам да ги навредам овие луѓе, рече Вучиќ.

За разлика од претседателот на Србија, министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, не се воздржа од  арсеналот навреди и во својата изјава оцени дека Милановиќ „припаѓа на најглупавите хрватски политичари“.