December 2, 2021 00:05
Македонија

Вучиќ до Пендаровски и Заев: Нема зборови со кои може да се опише болката што ја споделуваме со вас

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ денеска упати телеграма со сочувство до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев, по повод тешката сообраќајна несреќа во која 46 луѓе ги загубија животите, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседателот Вучиќ лично и во име на граѓаните на Србија, упати најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и народот во Северна Македонија, а на повредените им посакува брзо и успешно закрепнување.

– Со неверување и тага ја примив страшната вест за трагичната смрт на патници во автобус во Бугарија. Не постојат зборови со кои може да се опише болката што ја споделуваме со граѓаните на вашата земја. Молчејќи пред оваа трагедија, упатуваме молитви за утеха до семејствата на жртвите и до целиот ваш братски народ. Србија и сега е со вас, подготвена да ја пружи сета потребна помош и поддршка, бидејќи не сте сами во оваа трагедија, стои во телеграмата со сочувство, соопштија од неговиот кабинет.