August 8, 2022 19:23
Македонија

Вучиќ го информирал Борел за разговорите со Ковачевски и Рама за присуство на Самитот на ЕУ-ЗБ

Српскиот претседател Александар Вучиќ телефонски разговараше со високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, при што го информирал за денешниот негов разговор со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама посветен на претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во пресрет на претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, претседателот Вучиќ го информираше високиот претставник Борел дека утринава разговарал со премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Димитар Ковачевски и дека е постигнат договор по консултациите со владите и советниците, утре напладне да ја соопштиме заедничката одлука за евентуално учество на овој собир, се наведува во соопштението на Прес-службата на Кабинетот на српскиот претседател.

Според соопштението, Борел изразил задоволство од напредокот постигнат во дијалогот Белград – Приштина на состанокот на главните преговарачи и специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, кои заедно го усвоија Патоказот за спроведување на енергетскиот договор.

Вучиќ на разговорот порачал дека Србија е посветена на дијалогот како единствен начин за решавање на отворените прашања и постигнување одржлив договор во корист на секојдневниот живот на Србите и Албанците, како и на мирот и стабилноста во регионот.

Претходно, Вучиќ преку Инстаграм информира за неговиот денешен видео конференциски разговор со Ковачевски и Рама посветен на претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан, нагласувајќи дека одлуката за тоа дали ќе присуствуваат на средбата сите тројца ќе ја објават утре.

Вучиќ додаде дека со Рама и Ковачевски размениле мислења за идните чекори на заедничката иницијатива Отворен Балкан, пред се за Саемот на вино кој ќе ги собере најдобрите винари од регионот, како и за следната средба на која треба да се разговара „за бројни прашања од интерес на граѓаните од трите земји”.

– Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, уште посилна соработка и подобро поврзување, наведе Вучиќ во објавата на Инстаграм.

Самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој се очекува учество на претставници на ЕУ и на лидерите од земјите од Западниот Балкан, треба да се одржи во четврток во Брисел, пред јунското заседание на Европскиот совет.

https://www.instagram.com/p/CfD-538MAON/