July 10, 2020 06:08
Македонија

Вулин до Шекеринска: Ако иконографите се неважни, што не се фотографирала под кукаст крст

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин ја критикуваше својата македонска колешка, министерката Радмила Шекеринска, за фотографијата со симболите на ОВК во кабинетот на кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари, како и нејзиното образложение, во кое таа порача дека во 2020-та иконографиите се неважни.

Во официјалното соопштение од српското Министерство за одбрана, Вулин за ваквото објаснување на Шекеринска вели дека е подеднакво лицемерно како кога би се сликала под знамето на Исламска држава и би зборувала за верска толеранција:

-Да се фотографираш под знамето на таканаречената ОВК и да речеш дека тоа е неважна иконографија е како да се сликате под знамето на Независна Држава Хрватска (НДХ) и да кажете дека е во прашање ретро моден правец, изјави Вулин.

Вулин го критикуваше конкретно и одговорот на Шекеринска дека „иконографиите не се репер за добро управување“, туку „најважно е дали политичарите им служат на граѓани“:

-Ако протокот на времето е доволно оправдување за сѐ да се заборави и знамињата под кои се правени ѕверства да не се веќе важни, тогаш прашувам, зошто министерката Шекеринска не би се сликала под кукаст крст и би објаснила дека поминале 75 години од оружените судири и дека сега е време за добро управување, се вели во соопштението.