October 28, 2020 17:55
Свет

Во Судан уапсен 41 терорист, запленето огромно количество експлозив

Суданските безбедносни сили уапсија 41 осомничено лице за тероризам и запленија експлозив што „може да го разнесе главниот град”, денеска  соопштија јавниот обвинител и генералниот директор на суданската полиција, јави ДПА.

Во запленетиот експлозив има високо експлозивен амониум нитрат, изјавија главниот јавен обвинител Таџ Ал-Сир Ал-Хибир и генералниот директор на полицијата Ез Ел-Дин Ал-Шеик.

-Осомничените за тероризам се уапсени за време на 12 одделни операции на заседи, спроведени од Силите за брзо распоредување (РСФ), а запленети се речиси 3.600 експлозивни направи, изјави  јавниот обвинител.

Германската агенција додава дека за некои од уапсените има сомневања дека учествувале во нападот од март годината врз конвојот на премиерот Абдала Хамдок, изјави портпаролот на РСФ Џамал Џума.

Амониум нитратот е супстанцата што ја предизвика масовната експлозија на 4 август во пристаништето во либанскиот главен град Бејрут, во која загинаа 190 лица, а најмалку 6.000 други беа повредени, појаснува ДПА.