December 2, 2022 11:19
Македонија

Во Росоман обуки за користење на сопствени ресурси за развој на туризам и бизниси

Во Росоман започнаа обуките за користење на сопствени ресурси за развој на туризам и бизниси, во рамките на проектот „Еногастрономски пат низ Тиквешијата”, што го спроведува Фондацијата „Тиквешки вински пат”, со поддршка на Министерството за економија.

Виолета Јанкова, директор на Фондацијата која на полето на развојот на туризмот и особено винскиот туризам работи 12 години, информираше за МИА дека проектот предвидува и изработка на еногастрономски водич за Тиквешијата. Следува и работилница на која ќе бидат вклучени сите фактори кои се значајни за туристичкиот развој.

– „Тиквешки вински пат” деновиве беше еден од кандидатите при избор на најдобри вински патишта на Европа  и тоа во конкуренција со Италија, Франција, Португалија, Шпанија и Хрватска во Брисел. Потребна ни е поголема поддршка од локалните самоуправи и државата  за да продолжиме со промоција на територијата, регионот и самата држава, како и туризмот и винарството. Ние сме задоволни и од учеството на тој натпревар, затоа што се слушна за Тиквешкиот  вински пат и Македонија, а се презентираше и видео материјал, со што доста луге во Брисел и во земјите учеснички слушнаа и се заинтересираа за нас, соопшти Јанкова.

Таа нагласи дека и во иднина ќе ги промовираат винските патишта, како основа за развој на туризмот во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во Македонија.

Во Росоман се одржа и вториот состанок од проектот „Земја на виното”, кој е во рамките на прекуграничната соработка со Грција, а се разговараше за понатамошните активности околу изградбата на Центар за туристичка промоција и продажба на традиционални производи и вино.