June 18, 2019 03:27
Македонија

Во „Работилница“- аутистични деца заедно со родителите учат како да ги надминуваат проблемите

Работилница е нов центар за едукативно-тераписка работа со деца од аутистичниот спектар и деца кои имаат поинакви развојни проблеми сместен во скопската населба Козле. Отворен е на почетокот на годинава. Неговиот сопственик Игор Угриновски психолог и претседател на Работилница за 24 инфо вели дека целта е да се помогне да се препознаат и соодветно да се третираат специфичните проблеми на децата со развојни потешкотии. Во исто време целта е да им се помогне на децата да совладаат одредени клучни базични вештини кои се основа за понатамошниот развој, но и да им се помогне на родителите да развијат поуспешни стратегии за комуникација со детето, за справување со одредени однесувања (тантруми, топења, стереотипии, само-стимулации и сл.), како и помош во справување со сопствените емотивни потешкотии со кои вообичаено се судруваат родителите на посебните деца. Центарот е осмислен така да родителите можат да бидат присутни и да ја набљудуваат работата со детето, или уште подобро, активно да се вклучат во играта со нивното дете.

Како родители, од стручните лица очекуваме, или барем би сакале, да ни помогнат да разбереме некои работи околу нашето дете (на пример, какви сензорни потешкотии има и како се одразуваат на неговиот развој), да видиме разни модели на пристап за и самите да добиеме увид или барем идеја како може да пристапиме кон некоја тема, да добиеме понекој совет како поефикасно да се справиме со одредена стереотипија или тантрум, како да разработиме некои емоции, но, сакаме и самите да му помогнеме на терапевтот со нашите знаења за сопственото дете. Пречесто наидуваме на затворени врати, позади кои небаре нешто „тајновито“ се работи со нашите деца, а ние можеме само да добиеме извештај од стручното лице на крајот на часот. Сакам таа пракса полека да се менува. Навистина не на секој родител секогаш му е потребна таа подрршка, повеќето родители „ветерани“ одлично ги познаваат потребите на своите деца и знаат добро кои теми и вештини сакаат да се разработуваат со нивното дете. Но, во првите години од препознавањето на проблемот, таквата подршка е повеќе од добредојдена. Знам колку многу мене ми значеше кога конечно наидов на центар каде вратите се отворени за родителите кои тоа го сакаат, каде добив безброј знаења: од едноставни идеи за игри кои би можеле да го ангажираат вниманието на моето дете, до упатување и воведување во разни теориски пристапи и методи и споделување литература. Таму („Креатива Исток“) стекнав истомисленички и пријателки, со кои и денес тесно соработувам.

Колку деца го посетуваат центарот во моментов? Со каков стручен кадар располагате?

Во центарот засега работам сам, но планот е да се вработи уште еден психолог (јас верувам дека мојата струка има многу да понуди за децата со посебни потреби и дека моите колеги треба повеќе да се посветат на оваа проблематика), а потоа и дефектолог, штом финансиските можности на центарот тоа ќе го дозволат. Центарот се финансира без надворешна поддршка, односно родителите плаќаат за користењето на услугите, зошто претседателот (јас) е многу поискусен во пристапот кон децата, отколку во обезбедување средства. Се надевам дека во иднина ќе обезбедиме и донации, со кои би можеле да ги покриваме трошоците за барем некои деца.

Центарот досега го посетуваат неколку деца кои доаѓаат редовно и неколку кои доаѓаат повремено, а со чии родители остваруваме и консултациски средби. Децата се од различни возрасти, од 3 па до 17 годишни, со најразлични проблеми. Некои деца се од спектарот, некои со поинакви невролошки потешкотии, со кои се работи индивидуално по еден час во денот, два или повеќе пати во неделата, најчесто на развој на комуникација и говор, емотивното и логичко мислење, социјална поврзаност, итн. Други се неуротипични деца кои имаат одредени емотивни, когнитивни или потешкотии во однесувањето, со кои се гледаме поретко и претежно работиме на разработка на емоциите и однесувањето и откривање посоодветни начини за справување со конкретните проблеми.

Во план е и програма за развивање на социјални вештини кај децата, која ја разработуваме заедно со центарот „Креатива Исток“, каде неколку деца ќе работат/играат заедно, ставени во ситуации да соработуваат, почитуваат групни правила итн., со цел да ги развиваат социјалните вештини кои вообичаено кај децата од аутистичниот спектар заостануваат далеку зад нивото на врсниците.

 Дали е дневен центар со привремен престој или може децата да останат подолго време?

Нам родителите ни се премногу потребни дневни центри, каде знаеме дека детето е згрижено и се работи со него на унапредување на неговите вештини, додека сме ние на работа или поинаку ангажирани. Но, за таков центар е потребна сериозна институционална поддршка или сериозна финансиска поддршка за да може да ги обезбеди потребите на корисниците при подолготраен престој како: храна, превоз, кадар, итн. „Работилница“ едноставно нема таков капацитет. Она што може да се понуди и го нудиме на родителите, тоа е повремено чување на децата до неколку часа, за да можат родителите „на раат“ да завршат некоја работа или едноставно да имаат некој час социјален живот.

Што им нуди центарот на децата?

Центарот „Работилница“ и покрај „работливото“ име, најмногу од се’ нуди игра, потоа уште повеќе игра и за крај уште малку игра. Играта е впрочем главната преокупација на секое дете, тоа е она што едно дете „работи“ по цел ден, а секој од нас клучните вештини кои денес му овозможуваат да зборува, пишува или да вози автомобил, ги стекнал како дете, токму низ игра. Играта е воедно и самомотивирачка активност, па нема потреба од додатни награди или поинакви манипулации со времето и желбите на детето. Секој наставник знае дека секоја наставна тема може да се обработи интерактивно, низ игра и непосредно учество на ученикот и знае дека ефектите од таквото учење се најголеми. Кога мотивацијата е висока (на пример затоа што активноста е интересна и длабоко не’ ангажира) ние лесно учиме нови вештини, со многу помалку повторувања, а и самото повторување радосно го правиме, затоа што ни е интересно. Децата со посебни потреби не се исклучок. И тие многу поуспешно ги совладуваат задачите кога се тие интересни, овозможуваат движење и воопшто ги прават среќни. А за чувството кога од кај тебе ќе си замине детето насмеано до уши, можат да се изнапишат томови поезија. За детето играта е игра и тоа едноставно ужива во неа. За нас, стручните лица, играта е средство со кое обезбедуваме добра подлога за остварување на одредени цели. Целите можат да бидат релативно едноставни, како вежбање правилно држење молив или четка, или прилично базични, како стекнувањето интимност или развивањето на двонасочна комуникација. Додека првите се поедноставни за работа и даваат релативно брзи и видливи резултати, стекнувањето на базичните клучни вештини е многу покомпликувано, бара многу повеќе време и „такт“, а резултатите не се видливи брзо. Но, затоа пак учинокот е темелен и се бави токму со оние предуслови кои ни овозможуваат да развиеме комуникација, логичко мислење и емотивна стабилност.

Се работи ли по некоја програма?

Секое дете е различно од другите по своите преференци, можности, вештини, итн. Децата со посебни потреби исто така, со тоа што кај нив доаѓаат до израз и разликите во специфичните проблеми кои ги имаат. Едно аутистично дете е преосетливо на звук, другото е премалку осетливо, едно има проблем со планирање на грубата моторика, додека друго умее да плете! Секоја програма начелно ги зема овие индивидуални разлики во обзир, но сепак ниедна не може да ги опфати сите можни специфики. Јас преферирам еклектичен пристап, каде извлекувам методи кои ми делуваат корисни за конкретното дете од било кој пристап од кој имам некакви познавања. На пример, иако не сум обожавател на бихејвиористичките пристапи како АБА, може да искористам некој „рецепт“ кој ми се гледа корисен во моментот. Или да ја искористам моќта на музиката да те натера да ја довршиш некоја музичка фраза, или да ги запомниш зборовите од песната, елементи позајмени од музикотерапијата. Сепак, ако треба да се одлучам кој пристап ми е најблизок по „филозофија“, би рекол дека тоа е пристапот „Флоортајм“, на др. Стенли Гринспен. Тоа е метод кој е втемелен во психологијата, се бави со стекнување на клучни темелни вештини, а пристапот кон децата е игровен и базиран на почитување на детето како идивидуа.

Валентина Ангеловска

фото: Слободан Ѓуриќ

 

 

Нови вести

Фетаи: Мислам дека треба да се почне со смени во Врховниот суд

24news

Фетаи: Има илјадници снимки, пораки и транскрипти за случајот „Монструм“

24news

Фетаи: СЈО не е безгрешно, но главната задача успешно ја завршуваме

24news