December 7, 2022 21:38
Свет

Во Париз евакуиран нов камп од 350 мигранти во близина на Каналот де л’Урк

 Кампот во кој имаше 354 мигранти во близина на Каналот де л’Урк во Париз беше евакуиран, посочија од префектурата, прецизирајќи дека тоа е „петнаесетта” операција од овој тип во 2022 година. 354 изолирани мажи” „беа згрижени од страна на државните служби и нивните партнери”, понатаму посочија од седиштето на полицијата во Париз во заедничкото соопштение за печатот со регионалната префектура, јави дописникот на МИА.

Меѓу нив, 264 се згрижени во Ил-де-Франс и 90 во регионот, додаде полициски извор. Според овој извор, евакуацијата која се случила околу 7:00 часот „минала без тешкотии и многу брзо”. „Покрај опасноста на овој камп со оглед на неговата близина до каналот Урк, окупацијата на локацијата се врши во услови кои го загрозуваат здравјето и безбедноста на луѓето, и на станарите и на жителите”, стои во соопштението од префектурата.

Неодамна во овој камп како и во другите париски кампови, се забележани случаи на шуга, додава префектурата. Севкупно, од почетокот на годинава „4015 лица се згрижени како дел од 15 операции спроведени од државните служби”, прецизира префектурата.