Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ги поканил српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти на нова рунда преговори во Брисел за надминување на напнатата атмосфера која владее на теренот. Датумот на средбата ќе биде објавен подоцна, сопшти портпаролот на Европската комисија Петер Стано.
Во очекување на новото соочување со српскиот претседател Вучиќ, премиерот на Косово Албин Курти од Виена најави поднесување на кандидатурата од Косово за членство во Европската унија до 25 декември.
-Сакам да ве информирам дека овој месец, пред Божиќ, Косово ќе поднесе кандидатура за членство во Европската Унија, дека ќе достави документација за ставот на Владата на Косово кон Унијата и дека очекуваме поддршка од Европските социјалисти и социјалдемократи во овој чекор, рече Курти.
Во Брисел, еврокомесарот Оливер Вархеи, разговараше со косовскиот вицепремиер Бесник Бисљими за подготовките за поднесување на кандидатурата на Косово.
Претседателот на Србија, Вучиќ со американскиот амбасадор Кристофер Хил разговараше за безбедносната состојба на Косово, како и за предлозите на ЕУ за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Приштина.