January 16, 2021 07:03
Македонија

Во нацрт-резолуцијата на Европарламентот се изразува жалење што Софија и Скопје не постигнаа компромис

МИА дојде до нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент за Северна Македонија која треба да биде предмет на дебата на 10 декември во комисијата за надворешни работи, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Во нацрт текстот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, до кој МИА ексклузивно дојде, се изразува жалење за ќорсокакот во кој се најдоа Бугарија и Северна Македонија на 17 ноември кога Софија одби да даде поддршка за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и одржувањето на првата Меѓувладина конференција.

-Жалиме што Бугарија и Северна Македонија допрва треба да постигнат компромис за прашања поврзани за историјата и јазикот, веруваме дека ќе биде наскоро решено за да не се загрози интеграцискиот момент, и е во исчекување на одржувањето, без одлагање, на првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на преговорите за членство, пишува европратеникот Ќучук во својата предлог резолуција.

Оваа резолуција ќе биде предмет на дебата помеѓу членовите на комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент на 10 декември. Европратениците имаат до 16 декември да поднесат амандмани за оваа резолуција.

Се очекува до тогаш да бидат поднесени барања за измени во сите области, не се исклучува од другите парламентарни групи да побараат посилен речник во однос на отпочнувањето на преговорите со ЕУ како и во однос на немешање на билатералните спорови во ЕУ интегративниот процес.

Што се однесува до реформскиот дел, предлог текстот на известувачот потсетува дека треба да продолжи заложбата за интеграција во ЕУ, демократска консолидација, борба против корупција, владеење на правото и подобрување на климата за медиумите и граѓанското општество.

Се повторува потребата од натамошни напори во судството и пресуди за високопрофилни корупциски предмети и криминални мрежи.

Пофалени се подобрувањата во делот усвојувањето на законодавство за спречување на корупцијата и конфликтите на интереси, лобирање, пристап до информации, заштита за „свиркачите” и јавното обвинителство и се бара ефикасна имплементација на овие закони. За известувачот креирањето на позиција вицепремиер задолжен за антикорупција е знак за “јасна политичка заложба” во оваа насока.

Повторно се потсетува дека е потребна професионализација на судството, интегритет и отчетност како и “одржливи решенија” за предметите кои произлегоа од Специјалното јавно обвинителство и прислушувањата.

Во делот на функционирањето на демократските институции во земјата, известувачот го поздравува фактот што опозицијата останува посветено на собраниската работа и дијалог и ги поддржува клучните одлуки од национален интерес. Во овој контекст продолжува и работата на процесот Жан Моне за политички дијалог, градење доверба, зајакнување на демократската култура и олеснување на дијалогот во Собранието.

Известувачот исто така нагласува дека е потребно да се намали употребата на носење закони по брза постапка, да се водат соодветни консултации и процени и да се подобрат собраниските процедурални правила за консензус.

Транспарентноста во финансирањето на политичките партии треба да биде подобрена преку дополнителни мерки, како и транспарентноста и контролата врз трошењето на ЕУ фондовите.

Се поздравува усвојувањето на законот за спречување на дискриминација и се бара од властите да воведат инклузивен и транспарентен процес за етаблирање на Комисија за антидискриминација која ќе обезбеди заштита на сите маргинализирани групи, додека од пратениците во Собранието се бара да се фокусираат на јасна и достапна процедура за легално признавање на полот и спречување на родово базирана дискриминација и дискриминација врз основа на сексуалната ориентација.

Резолуцијата инсистира и Собранието да усвои закон за спречување и заштита на насилство врз жените преку воведување ефективен механизам за собирање на докази и гонење на сторителите, заедно со мерки за превенција и поддршка за жртвите. Се потсетува дека овој феномен е влошен со пандемијата од Ковид-19.

Што се однесува до состојбата со медиумите, известувачот вели дека е потребно подобрување преку подобра саморегулација, транспарентност на сопствеништвото и рекламирањето, но и зајакнување на финансиската одржливост на медиумите, јавни или приватни.

Откако ќе бидат поднесени амандманите на оваа резолуција, текстот би требало да биде усвоен кон крајот на февруари во комисијата за надворешни работи, а потоа на пленарна кон почетокот на март 2021.