August 13, 2022 18:07
Свет

Во Минхен запленети станови на руски политичар

Во Минхен денеска за прв пат се запленети банкарски сметки и недвижен имот на руски државјани кои подлежат на европски санкции, соопшти државното правобранителство.

„Ова е прв случај на конфискација на конкретен недвижен имот, а не само на замрзнување на готовински депозити“, рече вишата државна обвинителка, Ен Лејдинг.

Запленети се три стана во Минхен во сопственост на пратеник од руската Дума и неговата сопруга. Блокираните банкарски сметки добивале приходи од 3.500 евра месечно како кирија.

Пратеникот кој е сопственик на становите бил вклучен во списокот на лица под санкции од Европската унија на 23 февруари. Тој во парламентот го поддржал предлогот на претседателот Владимир Путин со кој се побара признавање на сепаратистичките области во Украина, што овозможи напад врз оваа земја.

Станарите на одземените станови можат да останат во тие простории до понатамошно известување од страна на властите.

Минхен е еден од германските градови со најскапи недвижнини и најнапната ситуација на пазарот за изнајмување станови.