September 24, 2019 11:18
Општини

Во мај почнува изградбата на адреналинскиот парк во Карпош

Во организација на Општина Карпош, во просториите на У.З „Кузман Јосифоски-Питу“ во населбата Козле, денеска, се одржа презентација и јавна расправа за планот за управување со животната средина, за изградба на „Спортско адреналинскиот парк – Карпош“. На средбата присуствуваа претставници од граѓанскиот сектор, бизнис секторот и локалната самоуправа кои се активни и работат во областа на одржливиот развој и животната средина, како и заинтересирани граѓани од Општина Карпош.

Презентацијата ја отвори заменик-раководителката на Секторот за развој на Општина Карпош, Александра Теова, која во оваа пригода ги образложи техничките аспекти на проектот. Имено, овој проект е финансиран од Европската Унија, а имплементатор е Светската банка и Кабинетот на заменик-министерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, како дел од проектот за локална и регионална конкурентност. Поточно, ЕУ покрива 87% од вкупната вредност за реализација на проектот, или 47.238.993 денари, а Општина Карпош од својот буџет ги обезбеди останатите финансиски средства, односно 7.342.832 денари.

Изградбата на адреналинскиот парк кој ќе се протега на вкупна површина од 6.500 м2, се очекува да започне во мај годинава.  Притоа, ќе биде реконструирано детското игралиште на површина од 480 м2,  скејт-паркот на 1.100 м2, ќе биде изградено ново игралиште за одбојка и фудбал на песок, а атрактивниот адреналински парк за возрасни и деца ќе биде изграден на три нивоа, кој ќе се позиционира на површина од 1.600 м2.

Предвидено е просторот дополнително да биде облагороден со хортикултурно уредување, каде ќе бидат засадени повеќе од 100 дрвја. Ќе биде поставена и нова урбана опрема, клупи, корпи за отпадоци и лежалки за релаксација. Планирано е да се изгради и плато за одмор со мини сквер, а во околината ќе се постават тоалети и четири дрвени куќички за продажба на безалкохолни пијалоци. Просторот ќе го осветлуваат енергетско ефикасни ЛЕД- светилки со соларни панели.

Во рамки на презентацијата говореше и претставничката од Одделението за заштита на животната средина и природата од Општина Карпош, Марина Филиповска, која ги запозна присутните со сите аспекти на проектот и стандардите кои се применуваат, со цел да се одржи здравата животна средина.

По презентацијата се разви активна дискусија со присутните кои поставуваа прашања за одржливост на адреналинскиот парк и за техничките детали на проектот. Од аспект на урбанистичкото решение, на стручните прашања одговараше претставникот од Секторот за Урбанизам при Општина Карпош, архитектот Вангел Караиванов, кој воедно е и предлагач на неколку проектни идеи за спортско-адреналинскиот парк.

 

Нови вести

(Фото) Ресенските пожарникари добија нова противпожарна опрема

24news

Георгиески: Фабриката за лаги на ВМРО-ДПМНЕ пуштена на најако

24news

УЈП во Аеродром ќе работи до утре до 18 часот

Valentina