April 20, 2021 19:21
Свет

Во Италија заразата со коронавирусот се шири експоненцијално

За еден ден во Италија се регистрирани 318 нови починати од Ковид-19.

Една година откако 78-годишниот Еугенио од местото Во, северна Италија, подлегна на инфекцијата како прва жртва на коронавирусот во Италија, бројот на смртни случаи надмина 100.000 од почетокот на пандемијата, потсетува агенцијата Анса.

Во 11 од 20 региони, зафатеноста на местата во единиците за интензивна нега ја надмина критичната граница од 30 проценти, а бројот на новозаразени лица се зголеми за 23 проценти само во последната недела.

Во три региони – Ломбардија, Емилија Ромања и Венето, епидемијата се шири експоненцијално, а претседателот на регионот Кампања, Винченцо де Лука, превентивно, во согласност со епидемиолошките правила, ги заостри анти-ковид мерките.

– Следните часови ќе бидат многу тешки, се обидуваме да го запреме растот на кривата на заразата, ги повикуваме сите да бидат исклучително внимателни, изјави министерот за здравство Роберто Сперанца.

Во ваква епидемиолошка состојба, премиерот Марио Драги за денеска свика итна седница на владиниот научен и технички комитет, со намера да воспостави нови, построги ограничувачки мерки.

Експертите советуваат воведување карантин на целата национална територија, но политичарите остро се спротивставуваат на таквата можност.

Лидерот на партијата „Лига”, Матео Салвини, изјави дека „затворање на сè сега, а без да е спроведена вакцинација на населението, не би служело за ништо”.

Претседателот на регионот Лигурија, Џовани Тоти, е „строго и тотално против карантин”.

Лидерот на партијата „Форца Италија”, Силвио Берлускони, кој прележа Ковид-19, изјави „дека сезоната на жртвување не е завршена, бидејќи фактите покажуваат дека Италија не е излезена од ризичната ситуација”.