August 20, 2022 00:30
Економија

Во завршна фаза изборот на надзор и правен консултант за Коридорот 8

Во завршна фаза е изборот на надзор и правен консултант што ќе ги води преговорите заедно со веќе формираниот Комитет од страна на Владата за проектот за изградба на Коридорот 8, кој е значаен за целиот регион. Тоа го истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска по извршениот увид на градежните активности на поделница 5 на автопатот Кичево – Охрид заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Коридорот 8, посочи тој, е значаен за Република Северна Македонија и токму затоа неговата изградба и модернизација ја доверивме на конзорциумот Бехтел и Енка. Во таа насока, и Собранието го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на  проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, кој ги опфаќа делницата Тетово-Гостивар-Букојчани, автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, како и коридорот 10 Д, односно делница на автопатот Прилеп-Битола.

-Веќе е формиран и Комитетот за преговори за склучување на Договор за градење, а по интензивната подготовка на целокупната тендерска документација објавивме оглас за избор на надзор и правен консултант којшто ќе ги води преговорите заедно со веќе формираниот Комитет и оваа постапка е во завршна фаза. Со овој чекор се овозможува почеток на подготвителни работи за конкретна реализација на проектот за Коридор 8, рече Рустеми.

Завршувањето на Коридорот 8, според министерот Бовчарски, е од стратешки интерес за државата, но и регионот.

– Од стратешки интерес е за државата да го завршиме Коридорот 8 на ниво на модерен и безбеден автопат за што сме обврзани и пред нашите европски партнери. Овој Коридор е значаен не само за нас, туку и за целиот регион од аспект на економски развој, транзит и поврзување со пристаништата на Бугарија и Албанија, изјави Бочварски по направениот увид на градежните активности на автопатската делница кај охридското село Горенци.