October 20, 2020 13:31
Магазин

Во Египет пронајдени 27 саркофази, стари над 2.500 години

Во древното наоѓалиште Сакара, јужно од Каиро, Египет, археолози периодов откриле 27 саркофази, стари над 2.500 години.

Според тамошните медиуми, 13 ковчези се откриени на почетокот на месецов, а другите 14 биле откриени потоа. Се работи за добро сочувани дрвени сандаци, сите живописно обоени. Најдени се и други, помали артефакти.

Во известувањето на египетското Министерство за антиквитети се вели дека првичните истражувања покажуваат дека ковчезите биле целосно затворени и не се отворани 2.500 години, откако биле закопани.

Сакара била активна некропола повеќе од 3.000 години, а денес е под заштита на УНЕСКО.