November 24, 2020 02:22
Свет

Во Европа рекорден број заразени од Ковид-19, се воведуваат построги мерки

Европа, соочена со вториот бран на коронавирус, го надмина прагот на 250.000 смртни случаи. За една недела се забележани повеќе од 8.000 смртни случаи, што е најтешкиот неделен биланс од средината на мај.

Бројни европски земји се обидуваат да се заштитат со воведување построги мерки.

Рекорден број на случаи на Ковида-19 се забележани во Франција за време на викендот, а поради зголемувањето на бројот на заразени, во саботата беше воведен полициски час од 21 до 6 часот наутро, што ќе трае најмалку еден месец, пренесува Би-Би-Си и додава дека секој што ќе го прекрши, мора да има валидна причина за тоа или да плати казна од 135 евра.

Од денеска, сите барови и ресторани во Белгија се затворени четири недели, а полицискиот час е во сила од полноќ до пет наутро.

Исто така, воведена е забрана за продажба на алкохол по 20 часот.

Швајцарија воведе задолжително носење маски на сите затворени места, како и забрана за собирање на повеќе од 15 лица на едно место.

Чешка сè уште не одлучила дали е потребен карантин, а таа земја во моментов е прва според бројот на заразени во Европа.

Во Ирска денеска ќе бидат презентирани нови мерки, а се претпоставува дека ќе бидат затворени несуштинските продавници и компании.

Во Германија, канцеларката Ангела Меркел, поради зголемениот број заразени, ги повика луѓето да останат дома и да избегнуваат патувања доколку е можно.

Исто така, во Италија, од денеска, работата на баровите и рестораните, како и на локални настани е ограничена.