October 28, 2020 01:46
Свет

Во Доха почнаа мировните преговори за Авганистан

Со свечена церемонија во главниот град на Катар, Доха, денеска е означен почетокот на мировните разговори меѓу авганистанската Влада и талибанските бунтовници, што треба да донесе мир во оваа азиска земја уништена во 20-годишната граѓанска војна, во која животот го загубија десетици илјади лица.

Конфликтот во Авганистан, исто така, е најдолгата американска воена операција во странство, за кое време во Белата куќа се сменија тројца претседатели.

Церемонијата почна утринава во 9  часот по локално време со рецитирање на делови од Куранот и воведен говор на шефот на катарската дипломатија, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани.

Главни преговарачи се претседателот на авганистанскиот совет за мир, Абдула Абдулах, лидерот на талибанското политичко крило, мула Барадар Акунд и американскиот државен секретар Мајк Помпео, јавија британските медиуми.

Дипломатски извори проценуваат дека успех е што претставници на конфликтните страни се согласија да седнат заедно на преговарачка маса, но, исто така, се сомневаат дека патот кон мирот ќе биде трнлив.

Овие мировни разговори се дел од договорот што Талибанците го потпишаа со САД во февруари годинава, а предвидува повлекување на поголемиот дел од американскиот воен контингент од Авганистан до ноември годинава.

-Талибанските сили мора да престанат со вооружените акции против владините сили во Кабул и цивилното население, што досега го одбиваа лидерите на ова бунтовничко движење, изјавија европските дипломати.