January 23, 2021 05:09
Свет

Во Германија рекорден број смртни случаи од коронавирус

Во Германија, во последните 24 часа починаа 410 лица како последица на коронавирусот, најмногу за еден ден, а бројот на потврдени случаи се зголеми за 18.633 на 961.320, според денешните податоци на Институтот за заразни болести „Роберт Кох”.

Од почетокот на пандемијата, вкупниот број смртни случаи е 14.771, а заразени се 961.320 лица. Пред една недела, бројот на смртни случаи на дневна основа беше околу 300, а на 2 ноември, кога Германија воведе делумно „затворање” – 49.

За денеска е најавена средба меѓу 16 премиери и германската канцеларка Ангела Меркел за ограничувачките мерки за време на Божикните и новогодишните празници.

Сојузните држави се очекува да ги продолжат ваквите мерки до 20 декември, бидејќи тие успеаја да го спречат нагорниот тренд, но не ги намалија бројките кога станува збор за нови смртни случаи.

Тоа значи дека баровите, рестораните и другите места за забава ќе останат затворени, додека училиштата и продавниците ќе бидат отворени.

Исто така, властите планираат да го ограничат максималниот број на луѓе кои можат да се соберат на пет, но исто така да дозволат максимум 10 членови на семејството или пријателите да се соберат за Божик и Нова година, се наведува во предлогот.

– Божик е семеен празник. Нова година е позабавна со пријателите, изјави баварскиот премиер Маркус Зедер за телевизијата АРД, додавајќи дека денеска ќе се дискутира за мерките поврзани со празничните собири.