August 13, 2022 18:06
Македонија

Во владина процедура се измени на Законот за заштита на децата, во подготовка е и нов закон за вработување на лицата со попреченост

Во владина процедура се измени на законот за заштита на децата, со кои меѓудругото се предвидува децата со попреченост да имаат приоритетно право на упис во јавните детски градинки, како и зголемување на паричните надоместоци за правото на посебен додаток за 15 проценти, ослободување од партиципација на децата со попреченсот од 26 годишна возраст, како и намалување на возрасната граница за користење траен надоместок на 60 години за жени, односно 62 години за мажи за оние родители кои имаат деца со попреченост и кои до 26-годишна возраст не ги сместиле во институција.

Ова денеска го соопшти министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска на настанот за промоција на заедничката програма за инклузија на лицата со попреченост, како и претставувањето на клучните наоди од Анализата на состојбата на правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија.

За инклузија на отворениот пазар на труд, како што информира министерката, во фаза е подготовка на нов закон за вработување на лицата со попреченост кој ќе биде претставен пред широката јавност за кој ќе се организираат широки дебати и ќе бидат вклучени сите. Во меѓувреме лицата со попреченост ќе продолжат да имаат можност да се вклучуваат во активните програми и мерки за вработување кои се спроведуваат од страна на Агенцијата за вработување.

Во владина процедура, како што рече Тренчевска, е третиот акциски план за деинституционализација, а се интензивира и процесот на преселба на корисниците од социјалните институции. Таа посочи дека скоро 65 проценти од корисниците во специјалниот завод во Демир Капија се преселени преку таквите социјални услуги во домови односно живеење со поддршка кај јавни и приватни даватели на социјални услуги.

Министерката информира дека се подготвува и проект за темелна реконструкција и модернизација на Заводот Скопје, односно Топанско поле, кој е замсилен да биде Центар за социјални услуги. Што се однесува до социјалните услуги во заедницата моментално функционираат 36 дневни центри за деца и лица со попреченост на територија на цела Република.

Подзаконските акти во овој дел, рече Тренчевска, се во завршна фаза, односно измени се направени во делот на услугите, а во фаза е усогласување и на подзаконските акти во делот на фунцкионалната проценка. Пет комисии, рече таа, се целосно екипирани и опремени, останатите се во завршна фаза и со воведуавње на МКФ ќе се олесни воведување регистар на лицата со попреченост.

Министерот за образование Јетон Шаќири ја нагласи потребата од надградување на процесот на инклузија на лицата со попреченост, се со цел сите да добијат исти можноти во образованието.

– Во последните години има голем напредок во инклузијата на учениците со попреченост, но иако имаме направено низа активности за вклученост на децата со посебни образовни потреби, сепак треба уште многу да се работи на ова поле, смета Шаќири.

Тој информира дека се зголемува бројот на ученици со попреченост во основните училишта кои се прифатени, односно во споредба со 2019-2020 година тој број е зголемен за 4,5 проценти. Оваа бројка, според него, не е максимумот кој треба да се постигне.

– Со ребалансот на Буџетот оваа година се обезбедени плус 250 нови вработени кои ќе бидат за децата со попреченсот. Се со цел зголемување на инклузивноста во образованието, МОН работи на две програми со Европската делегација – со првата 12 образовни објекти, односно четири во основното, четири во средно и четири во високо образование, ќе бидат реконструирани и ќе добијат пристапни рампи и пристапност до просториите со средства од ЕУ, информира Шаќири.

Кристијан Лазарев, кој е лице со оштетен вид, во изјава за медиумите по настанот рече дека има многу предизвици што зависат од категоријата на попреченост.

– Јас сум конкретно со оштетен вид и нам најголем предизвик во моментов ни е пристапноста во транспортот и достапноста на некои услуги, а за останатите категории на попреченост на пример со лицата со оштетен слух голем предизвик е немањето доволно толкувачи на знаковен јазик, за лицата во инвалидски колички предизвик се непристапноста на тротоарите, непристапноста на зградите, значи зависи од категорија до категорија, рече Лазарев.

Лазарев работи во Здружението „Отворете ги прозорците” како програмски асистент за пристапност и според него тоа е позитивна околност.

– Јас работам така што сум еден од тие што се посреќни лица со попреченост. Поголемиот број од лицата со попреченост се невработени, така што мојата приказна би звучела малку позитивна за вашите гледачи. Станувам, одам на работа, се враќам, имам добар социјален живот така што не е баш мојот пример најрелевантен за животот што го живеат поголемиот број од лицата со попреченост, рече Лазарев.

Тој нагласи дека е потребно да се направат повеќе услуги за лицата со попреченост, да се уточнат некои работи во системот од типот на здравствени услуги, пристап до правда, пристап до образование.

– Сега имаме инклузивно образование, меѓутоа тоа треба и во пракса да се преточи да биде функционално. Има многу работи што треба да се работат. Буквално целиот систем ќе треба да се доразработи за да функционира се, заклучи Лазарев.