December 3, 2022 09:38
Свет

Во Брисел се одржува контроверзен Совет меѓу ЕУ и Израел

Во Брисел денеска после долги години се одржува 12-от Совет за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, невладините организации остро реагираат, јави дописничката на МИА од Брисел.

Средбата, која ја водат за ЕУ шефот на дипломатијата, Жозеп Борел и Јаир Лапид, министерот за надворешни работи на Израел, започнува попладнево во европската престолнина, и ќе биде посветена на теми како руската агресија врз Украина, енергетската криза, кризата со храната, но и човековите права, тврди ЕУ.

Советот ЕУ-Израел беше замрзнат десет години и покрај тоа што невладините и хуманитарните организации укажуваат на тоа дека во Израел нема подобрување во однос на човековите права и третманот на Палестинците.

Амнести Интернешнл испрати писмо до високиот претставник на ЕУ, Борел, во кое бара да ја искористи денешната прилика да проговори гласно за непочитувањето на меѓународното право од страна на Израел. Израел, и покрај принципите на меѓународното право, продолжува да ги населува нелегално палестинските територии.

-Да се продолжи како и обично додека израелските власти ја ескалираат репресијата врз палестинските човекови права и натаму засилуваат суров систем на опресија и доминација само ќе ги охрабри, не само израелските власти, туку и сите влади кои ги нарушуваат правата ширум светот, порача Амнести преку соопштение.

Реагираше и Палестинско-белгиското здружение, со оглед на тоа дека Лапид доаѓа во белгиската престолнина. Здружението, кое е дел од Европската платформа на здруженија за Палестина, предупредува дека повторното одржување на Советот за асоцијација со Израел ќе испрати погрешна порака и покрај заложбите на ЕУ за човекови права.

-Европската Комисија тврди дека одржувањето на овој состанок ќе и овозможи да ги пренесе критиките до Израел, наместо повторни совети потребна е целосна суспензија на договорот за асоцијација ЕУ-Израел, како што предвидува членот 2 во случај на хронични нарушувања на човековите права, бара палестинско-белгиското здружение.

Од страна на Европската Комисија нема конкретен одговор на овие критики за сега.