December 9, 2022 01:17
Култура

Во Белград на 14 октомври гостува Филхармонијата на Македонија

Белградската филхармонија најави гостување на Филхармонијата на Република Северна Македонија на 14 октомври во Белград, во Коларчевата задужбина од 20:00 часот, јави дописникот на МИА од Србија.

Диригентот Габриел Бебешелеа ќе го предводи оркестарот во изведба на атрактивна програма, а љубителите на гитарата особено ќе уживаат во изведбата на виртуозот Рафаел Агире и познатиот концерт „Аранхуез”. Гостувањето на оркестарот од Скопје отвора културна размена во рамките на иницијативата Отворен Балкан во областа на симфониската музика.

-Филхармонијата на Република Северна Македонија, со својот иновативен и креативен репертоар во согласност со традиционалните музички вредности, интензивно ја привлекува публиката, особено новата генерација слушатели. Така, белградската публика ќе има можност да ужива во интересен спој на современи дела како и најпопуларни композиции од светската музичка литература, соопшти белградски Телеграф.

Хитот на класичната музика и најизведуваната композиција за гитара, Концертот „Аранхуез”, ќе го изведува солистот Рафаел Агире, чија интерпретација на ова дело има милиони прегледи на Интернет. Гитаристот стекна светска слава благодарение на неговата импресивна виртуозност, а неговиот исклучително разновиден репертоар го однесе во дури 39 земји ширум светот. Својата извонредна кариера ја започна со освојување на тринаесет први награди на меѓународни натпревари, а денес е еден од најпознатите светски гитаристи кој редовно настапува во престижни двоанир. Карнеги Хол во Њујорк, Концертгебау во Амстердам, Концертхаус во Виена, Чајковски во Москва, Елбфилхармонија во Хамбург, се само некои од нив.

Атрактивниот репертоар ќе го отвори „Пијан танц – Пајдушко”, на современиот композитор Сони Петровски, а ќе заврши со симфонијата „Патетична” на Чајковски, под диригентската палка на Габриел Бебешелеа, главен диригент на Државната филхармонија на Трансилванија. Денес, тој има статус на нова ѕвезда во подем, а последните настапи вклучуваат настапи во Музикферајн во Виена, салата Кадоган Хол во Лондон, концертната дворана Чајковски во Москва и салата Санта Сесилија во Рим, како и со оркестри како што се Кралската филхармонија, Државниот академски симфониски оркестар на Русија Евгениј Светланов.

Концертот на Филхармонијата на Република Северна Македонија е организиран во соработка со Белградската филхармонија во рамките на регионалната соработка Отворен Балкан.