December 9, 2022 01:00
Македонија

„Војна“ меѓу Адора и БЕГ зa топланите- биле под закуп или во стечај?

Сопственикот на Адора, Ванчо Чифлиганец , во Студио 10 на ТВ 24 обвини дека од лани 22 декември БЕГ бесправно стопанисува со топланите без да има каков било договор со сопственикот Адора. Тврди дека се спремни да го продадат имотот за 8,8 милиони евра од кои 7 се отплата на преостанатиот кредит. Чифлиганец обвини и дека никој не знае каде се  1,6 милиони евра кои БЕГ ги наплатил од сметките за парно од граѓаните.

Од Балкан Енерџи Груп веднаш ја демантираа изјавата на Чифлиганец.

„Неточна е изјавата дека БЕГ бесправно стопанисувал со топланите бидејќи БЕГ ги користеше согласно Договор за закуп со Топлификација, а согласно Закон за облигациони односи договорот го наследува новиот сопственик на топланите. Во моментот кога Адора ги купи топланите знаеше дека истите се под долгорочен закуп на БЕГ за вршење на јавната дејност, што беше наведено и во огласот за продажба. Согласно истиот Договор за закуп БЕГ редовно исплаќаше месечна закупнина во висина од 2,6 милиони денари, колку што одобрува РКЕ, меѓутоа Адора ја враќаше бидејќи ценеше дека е недоволно.
Неточна е изјавата на г-дин Чифлиганец дека БЕГ наплатил 1,6 милиони евра кои никаде ги нема. БЕГ од граѓаните наплаќаше согласно одлуки на РКЕ. Сите собрани пари од граѓаните БЕГ ги насочи да ги покрие трошоците за набавка на природен гас и електрична енергија. За жал овие трошоци беа многу повисоки од предвидените во тарифата  за претходната грејна сезона и компанијата оствари големи загуби во првиот квартал и остана должна како на Адора така и на други доверители. Согласно правилата на РКЕ, компанијата има право да ги побарува остварените загуби од идните тарифи одобрени од РКЕ, по што ќе бидат подмирени обврските кон Адора и останатите доверители, ддемантираа од БЕГ.

На ова следеше демант од Адора, од каде сметаат дека изјавата на БЕГ не е точна од неколку аспекти.

-Пред сè Адора топланите не ги купи издадени под закуп, туку во стечајна постапка без никаков товар и прибелешка во имотен лист и во решение за купопродажба.Дополнително Договорот за закуп на топланите и официјално е откажан со Одлука на Одборот на доверители на 22.12.2021 година. Од тогаш па сè до денес топланите се користат без регулиран однос со сопственикот Адора. БЕГ не се согласуваше со оваа одлука и покрена неколку судски постапки, од кои дел завршија со правосилни судски одлуки и им беа одбиени како неосновани, а дел БЕГ ги повлече, бидејќи јасно беше дека ќе ги загубат. Околу тврдењето дека го плаќале закупот, а од страна на Адора сумите биле враќани, тоа делумно е така, меѓутоа причината зошто од Адора не беа прифатени тие средства не е поради висината на закупот, туку поради основот на плаќањето. БЕГ ги плаќаше тие пари повикувајќи се на стар Договор за закуп кој беше откажан, факт потврден со судски одлуки, со што БЕГ нелигитимно сакаше да го одржи истиот во живот. БЕГ сега велат дека ќе се раздолжат кон Адора во некоја недефинирана иднина, што не е воопшто типично за функционирање како дел од регулиран бизнис. Доколку ЕСМ го превземе регулираното производство на топлинска енергија, БЕГ од тој момент ќе престане да има било каков приход од дејноста што ќе придонесе до неможност да го исплати долгот, тврдат од Адора.

Од Балкан Енерџи Груп следеше демант на демантот од Адора.

-Дополнително ја информираме јавноста дека договорот за закуп е приложен во Регулаторната комисија за енергетика на РСМ и во оваа институција може да се провери дека истиот бил во сила во моментот на купување на топланите од страна на Адора Инжинеринг, рекоа од БЕГ.

Поврзани вести

Приватниците од утре ќе протестираат само пред бараките на Град Скопје на Илинденска

Igor

Инфлацијата во ноември 19,5 проценти, објави Државниот завод за статистика

Igor

(Видео) Во филмскиот грабеж во „Поинт ритејл парк“ ограбени банкомати на четири банки

Igor