August 14, 2022 20:14
Македонија

Воспоставуваме регулатива за поуспешно спротивставување на насилството врз жените и девојчињата, вклучително и сајбер насилството

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска учествуваше на регионалниот форум „Виртуелното е реално: Зајакнување на законодавната рамка за поддршка на телесната автономија”, во организација на Фондот за население на Обединетите нации-УНФПА.

На настанот говорниците од регионот дискутираа за тековните состојби со сајбер насилството во нивните држави ни односните правни рамки. Форумот има за цел да ги зајакне регионалните партнерства преку изработка на доследни и делотворни законски мерки и подигање на свеста за борбата против дигиталното насилство и родово базираното насилство воопшто.

Министерката изрази задоволство за можноста да се разговара за толку значајни прашања, како што е  насилството  преку интернет врз жените и девојките, и изрази поддршка на  Bodyright кампањата, која претставува глобален повик да се спречи насилството врз жените и девојките  во виртуелните простори.

Таа истакна дека, министерството за труд и социјална политика заедно со останатите засегнати чинители во општеството сериозно работи на креирањето на политики и преземање на акции за превенција и заштита на жените и девојките од родово базирано насилство, вклучувајќи го и насилството преку интернет, сексуалното и репродуктивното здравје, унапредувањето на правата на жените и на девојчињата, на семејствата и заедниците.

„Владата на Република Северна Македонија се обврза дека ќе има нулта толеранција кон сите форми на насилство врз жените  со преземање на конкретни мерки и активности во една од приоритетните области, родовата еднаквост. Оваа обврска беше потврдена преку усвојување на националните заложби на Самитот во Најроби во 2019 година,” рече Тренчевска.

Во време кога е особено разиена технологијата и информациите брзо се шират, рече Тренчевска,  сведоци сме на злоупотреба на интернетот и дигиталните технологии за комуникација, за насилство врз жените, говор на омраза, сексизам, злоупотреба на фотографии и видеа и нивно фалсификување. Сведоци сме и кај нас преку социјалните мрежи колку често се шири говорот на омраза и сексизмот кон жените и девојките. Токму затоа наша заедничка обврска е да се бориме против ваквото кршење на човековите права на жените.

Таа информираше дека, Република Северна Македонија е меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвеција) за која во декември 2017 година, Собранието го усвои Законот за ратификација. Во 2021 година донесен е Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство како прва активност во насока на имплементација на Конвенцијата. Законот e целосно усогласен со Истанбулската конвенција и има за цел проширување на системот на превенција и заштита на сите облици на родово базирано и семејно насилство.

„Насилството врз жените и семејното насилство повеќе не се приватна работа и државата преку сеопфатни и интегрирани политики сериозно работи на превенција и заштита на жртвите на насилство. Во таа насока, воспоставени  се 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолништа) во 6 плански региони,” рече Тренчевска.

Покрај засолништата Министерството за труд и социјална политика има воспоставено и специјализирани советувалишта на територијата на РСМ во 7 Плански региони. Воспоставени  се 10  специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и  8 специјализирани советувалишта  за психо-социјален третман за сторители  на семејно насилство.

Таа ја истакна важноста од заедничкиот пристап и вклучувањето на институциите и граѓанскиот сектор во борбата против насилството.

Министерката потенцираше дека, Министерството за труд ќе продолжи со напорите за унапредување на родовата еднаквост. Во оваа насока е и подготовката на нов Закон за родова еднаквост со кој дополнително ќе бидат унапредени  механизмите за родова еднаквост на локално и национално ниво и процесот на вклучување на родовата перспектива во политиките и процесите.