April 2, 2020 18:48
Балкан

Волтерс: С. Македонија и Црна Гора пример за успех и покрај руската блокада

Балканот и натаму е стратешки важен регион, каде етничките тензии меѓу нациите и меѓу соседите и натаму поттикнуваат регионална нестабилност и се примарна цел на упорно, малигно руско влијание, изјави врховниот командант на НАТО силите за Европа и шеф на Европската команда на американските сили генерал Тод Волтерс.

Сведочејќи пред Одборот за оружени сили во американскиот Сенат, Волтерс рече дека и покрај обидите на Русија да ги одврати од евроатлантскиот пат, Црна Гора и Северна Македонија претставуваат успешни приказни.

– ПОкрај историските и културните врски со Балканот, Русија на одржувањето социјални и политички тензии во регионот гледа како на централен принцип на своето дејствување, со кое се обидува да спречи одделни балкански земји да напредуваат на патот кон евроатлантското усогласување и интеграција. Сепак, Црна Гора и скоро пристапување на Северна Македонија во НАТО претставуваат блескави приказни за успехот и покрај значајните обиди на Русија да ги блокираат и одвратат од интеграцијата овие земји, рече Волтерс.

Говорејќи за регионот на Западен Балкан, тој потсети дека – и покрај тоа што Косово прогласи независност во 2008 година – Русија, Кина и неколку други држави сè уште не го признале статусот на суверена нација.

– Косово и соседна Србија сè уште не ги нормализираа односите, но и покрај тензиите, ние продолжуваме да ги охрабруваме двете страни да се вклучат во дијалог за изнаоѓање мирно решение, рече Волтерс, додавајќи дека мисијата на КФОР е главната стабилизирачка сила во Косово.

Говорејќи за безбедноста на европско тло, Волтерс вели дека политичката неизвесност, енергетската конкуренција и напредните технологии се закануваат дека ќе го нарушат воспоставениот демократски поредок.

– Русија, Кина и Иран се обидуваат да ги искористат овие околности преку агресивни активности со употреба на сите инструменти на национална моќ, поддржани од сè поспособни воени сили, рече Волтерс.