December 1, 2022 19:03
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ упорна да создаде уставна криза преку блокади на изборот на уставни судии во Собранието

Изборот на уставните судии во Собранието се уште е заглавен во Собранието откако денеска продолжија блокадите од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Членовите на Комисијата за изборите и именувањата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со постојани јавувања за процедурално, со викања не дозволуваат расправата по однос на кандидатите да продолжи.

Денеска, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа процедурална забелешка и довикаа од место бидејќи претседателката на
Комисијата Марија Георгиевска од СДСМ не и даде збор на пратеничката Бети Стаменковска-Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ која на последното продолжение на седницата зборуваше 10 часа, за тоа зошто Љубомир Јовески не треба да биде избран за уставен судија.

Поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовевски е последниот предлог кој треба да го мине комисискиот филтер пред предлозите да се најдат на пленарна седница.

Токму за овој предлог за дискусија на Комисијата се пријавени дури 18 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а времето за дискусија е неограничено и секој член може да зборува со часови и па дури и денови.

Инаку, Уставниот суд веќе извесен период работи на работ на кворум само со пет судии, од вкупно девет.

Четворица од нив се пензионирани, а околу Нова Година во пензија заминува уште и судијката Вангелина Маркудова, со што ако до тогаш не се изберат нови судии, највисокиот судски орган во државата нема да може воопшто да функционира.