April 21, 2021 00:41
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ реагира: Во „Мериот“ бевме на настан организиран од шведска фондација

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ минатата недела биле на настан во хотелот „Мериот“, организиран од страна на шведската фондација „Јарл Халмарсон“. Ова го образложи опозициската партија откако, претходно, Стефан Васев од СДСМ, рече дека во последните неколку недели, високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Христијан Мицкоски, Александар Николовски, Влатко Ѓорчев, често биле во овој хотел.  Васев го повика Мицкоски да одговори дали во „Мериот“ остварувале средби со осудениот Сашо Мијалков.

„Ако СДСМ има нешто против меѓународната заедница и Шведска нека каже. Настанот во хотелот Мериот е организиран од страна на шведската фондација Јарл Халмарсон, која ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ и помага при градење на кадри и политики, доколку СДСМ има проблем со тоа нека каже“, велат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека единствената средба за која знааат е таа на Зоран Заев и Сашо Мијалков, каде Заев му ветувал слобода, а за возврат барал креирање на проблеми во ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ не треба да заборави дека Сашо Мијалков е таму каде што е заради притисокот на ВМРО, народот и меѓународната заедница. Да се прашуваше Зоран Заев, Сашо Мијалков се уште ќе беше на слобода и сега заедно ќе правеа вештачки кризи во ВМРО-ДПМНЕ, за да ја спасат фотелјата на Заев и да ја купат слободата на Мијалков. Криминалот повеќе не поминува. Одговорност ќе има. Во СДСМ тоа го знаат и затоа се нервозни“, додаде ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.