November 25, 2020 08:14
Македонија

ВМРО ДПМНЕ: Политичката репресија и прогонот од криминалците на власт мора да запрат

Имам прилика вечерва да говорам во очи на можеби најголемиот македонски национален празник основањето на ВМРО. Практично организацијата ВМРО или уште поточно македонскиот народ, уште во 1893 година поставиле една идеја, идеја за слободна Македонија, повторувам идеја за слободна Македонија.

Верувам дека целата македонска јавност е уверена дека во последниот период, особено периодот од кога СДСМ е на власт оваа држава не е ниту малку слободна. Државата е запоседната или заробена од малкумина политичари кои што се криминогени и едноставно работат за да ја подобрат почвата за криминалците и криминалот.

Вечерва сме на протест пред Владата на Република Македонија, против криминалот, против невидената корупција од огромни размери и исклучително против политичкиот прогон кој што се случува во Македонија. Како што се вели во политичката наука, политичка репресија која се јавува кај политички неистомисленици т.е. се јавува спрема оние кои што немаат ист став со актуелната власт користејќи ги сите државни апарати, односно злоупотребувајќи ги.

Она што сакам да го истакнам е дека ова е период на милионски тендери кои што Владата ги мести, меѓутоа се одвива рекет на сите можни нивоа, од високи бизнисмени, до локални гранапчиња во населените места, а народот верувајте нема ни за леб.

Половина милион жители во Република Македонија живеат со само 130 денари дневно , додека 25 илјади жители во Македонија живеат со минимални само 44 денари дневно, додека луѓето од власта енормно се богатат.

Не смее да си дозволиме патриотите да гнијат по затворите, а криминалците од власта да бидат на слобода. Оваа власт додека ги пушта криминалците на слобода, многу често и го обвинува народот дека е виновен за најразлични политички текови во државата и тоа можеби е еден од првите симптоми дека станува збор за диктаторска власт.

Овој политички прогон мора веднаш да запре, знаеме дека се случува поради немоќта на власта. Таа е исплашена дека за многу скоро ќе дојде тој ден кога ќе се соочи лице во лице со чистата и јасна правда, меѓутоа ова што му го прават на македонскиот народ, тој нема да го заборави и ќе го казни час поскоро.