January 29, 2023 13:26
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски има проблем со реалноста, Македонија е во економска и социјална катастрофа и затоа катастрофално ќе изгуби на избори

Соопштение до јавноста, реакција на изјавата на Димитар Ковачевски

Ковачевски очигледно има проблем со реалноста. Розовите очила му сметаат да види дека Македонија е пред економски и социјален колапс поради лошите политики на неговата влада. Македонија има најниска стапка на раст на БДП според прогнозата на Светска Банка, а од нас полошо ќе ја завршат годината само Русија и Украина.

Македонија и една од највисоките стапки на инфлација која последниот месец достигна 20% што е убедливо најлош резултат во споредба со земјите од регионот.

Македонија е во топ 10 земји во светот според стапката на инфлација на прехранбените производи, што е уште еден показател дека кај нас како никаде на друго место граѓаните осиромашуваат.

Македонија е на дното по странски инвестиции во споредба со земјите од регионот, односно кај нас дошле, два до три пати помалку странски инвестиции по глава на жител во споредба со Албанија, Србија и Косово.

Македонија е земја во која владата нема пари за инфраструктура, земјоделство, образование, стопанство, ама затоа има да исплаќа милиони за функционери паразити.

Ете ова е реалноста од владеењето на Ковачевски. Ковачевски може да бега од избори, ама нема да избега од изборниот пораз. Граѓаните катастрофално ќе го казнат за неговото катастрофално владеење.