November 29, 2020 22:35
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот за 2021 СДСМ нема да го троши ниту за економски раст ниту за борба со корона кризата, туку за партиски потреби

 Власта на чело со СДСМ и Заев искреираа уште еден буџет, односно уште едно задолжување кое ќе падне на грбот на граѓаните. Со предвидените средства, како и сите овие четири години ниту ќе го помагаат економскиот развој, ниту ќе ги помагаат граѓаните, а ниту ќе ги искористат за борба против корона кризата.

Повторно само трошки за граѓаните, кои поради пандемијата останаа без своите работни места. СДСМ и Заев воопшто не им е грижа фактот што над 50 илјади граѓани останаа без своите работни места и упорно ја задолжуваат државата и ја тераат во амбис.

Оваа криминална влада, за четири години според проекциите, ја задолжи државата со рекордни околу 7 милијарди евра, а граѓаните не видоа ниту денар од тие пари. Со СДСМ на власт имаме пад на македонската економија од 4,9 отсто, историски јавен долг од 60.7% од БДП.

Дупката во буџетот е околу 960 милиони евра, што е историски најголема во независна Македонија – дупка која што повторно ќе ја плаќаат граѓаните. Буџетскиот дефицит оваа година е 8,4 проценти од бруто домашниот производ, а јавниот долг е 59.3 проценти.

Од новиот буџет, како и до сега, нема да има пари за здравствените работници, нема пари за подобрување на условите во образованието во услови на корона криза, нема пари за наставниот кадар, нема пари за бесплатен интернет, нема пари за помошта при невработеност.

СДСМ си го скрои буџетот единствено за партиски потреби, а тоа што еден милион луѓе во Македонија живеат со по две евра на ден воопшто не ја интересира оваа мафија на власт.