February 2, 2023 22:17
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Безбедносната состојба е нарушена, Спасовски два месеца не може да најде кој испраќа дојави за бомби

Безбедносната состојба во Македонија е нарушена. Алармантно е што секој ден имаме лажни дојави за бомби во јавни објекти, а МВР со месеци не може да најде кој ги испраќа.

Секој ден се нарушува училишниот час на илјадници ученици во скопските средни училишта, се вознемируваат учениците, наставниот персонал и родителите. Денес заради лажни дојави за бомби се предизвика паника и во шопинг молови, но јавни објекти како Железничката станица. Илјадници граѓани се во страв и под притисок секој ден.

Не смее како НАТО членка да бидеме во постојан грч и страв од терористички активности, а власта да не е способна да го заштити населението и да го одржи јавниот ред и мир.

Одговорност за несправување со ситуацијата е во врвот на МВР. Оливер Спасовски ја има надлежноста како министер за внатрешни работи да го обезбеди јавниот ред и мир и да гарантира безбедност во рамки на државата. Спасовски не е способен да ја смири ситуацијата.

Што прави Спасовски два месеци и што е преземено? Зошто уште немаме ниту еден санкциониран и кој е планот за во иднина?

Власта мора итно да преземе мерки за враќање на безбедноста на ниво. А, Оливер Спасовски да си поднесе оставка веднаш. Безбедноста на граѓаните нема цена, а Оливер Спасовски ако не може да ја обезбеди доблесно е да си поднесе оставка.