Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Охрид ги посети припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во Кампот за обука на вода, кој е дел од армискиот Центар за поддршка на обуката во Командата за обука и доктрини.
Министерката Петровска разговараше со командирот на Кампот, потполковникот Ванчо Ташев на кого му порача дека инвестирањето на во човечките капацитети, заедно со опремувањето со нова и модерна опрема е прв приоритет за Министерството и дека обуката на вода е еден значаен сегмент за севкупен развој на способностите на припадниците на Армијата.
„Министерството и Армијата активно вложуваат во способностите на армиските припадници. Силата на нашата Армија доаѓа од силата на секој наш припадник поединечно и затоа посветуваме особено внимание на Воената академија и сите наши центри за обука во армиската Команда за обука и доктрини, вклучувајќи го и Кампот за обука на вода во Охрид”, рече министерката Петровска.
Кампот за обука на вода изведува обука во пливање, нуркање, изработка на импровизирани пловни средства и совладување на водени препреки за припадниците на Армијата, вклучувајќи ги и специјалните единици.