November 30, 2020 20:40
Скопје

Власта одби 16 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ со кои ќе се обезбедеа пари за училишта, градинки, амбуланти и канализациони мрежи и водоводи

Интегрален текст од изјава на Бојан Стојаноски, Претседател на ОК Ѓорче Петров на ВМРО-ДПМНЕ

„Три години СДСМ на власт, три години ниту еден проект во Ѓорче Петров. СДСМ е на власт и на локално и на централно ниво, а Ѓорчепетровци се целосно заборавени. Во последните три години владата на СДСМ нема завршено ниту еден проект во Ѓорче Петров.

Криминалот, неработењето и лагите како заштитен знак на СДСМ се присутни и во Ѓорче Петров, па така лажните ветувања се редат како на лента, а реалните дела ги нема никаде. Ѓорче Петров стана општина која е препознатлива само по неработењето и недомаќинското кафанско трошење парите на граѓаните, по менувањето на ДУП со цел изградба на згради и со криминалите на власта. Единствените проекти кои ги заврши локалната власт се забрана за сушење на алиштата на терасите и најскапото уредување на дворот на градоначалникот Наумоски или таканаречено Корзо кое ги чини граѓаните скоро половина милион евра.

Дури и кога имаат можност да го променат тоа, власта на СДСМ нема слух. Имено, заедно со Владо Мисајловски како пратеници на ВМРО – ДПМНЕ од Ѓорче Петров поднесовме 16 амандмани со цел дел од најголемите проблеми на граѓаните на Ѓорче Петров да бидат решени преку ребалансот на буџетот, а владиното мнозинство не најде начин да направи простор за овие проблеми и покрај историски највисокиот буџет во историјата на Република Македонија.

Власта на СДСМ одби да обезбеди средства за доградба на ОУ Димитар Беровски во Хром и ОУ Тихомир Милошевски во Ново Село, за нова амбуланта во Дексион, за две нови детски градинки, за решавање на проблемите со депониите во Ново Село и на кејот на реката Лепенец. Власта не обезбеди средства ниту за поставување на нови водоводни и канализациони мрежи, за асфалтирање на улички и решавање низа други проблеми на граѓаните.

Ѓорче Петров не виде ништо добро од власта на СДСМ освен криминал, крадење и безброј лаги, промена на име и низа национални понижувања и затоа убедливо ги казнува на сите изборни соочувања. ВМРО–ДПМНЕ ќе продолжи да победува во Ѓорче Петров и ќе им се оддолжи на граѓаните за довербата со многу работа и реализирани проекти.“