April 20, 2021 23:52
Македонија

 Владини делегации на гробот на претседателот Борис Трајковски во Скопје и на споменикот во негова чест во Струмица положија венци свежо цвеќе

Делегации на Владата на Република Северна Македонија денеска положија венци со свежо цвеќе на гробот и на спомен обележјата во чест на претседателот Борис Трајковски, во рамките на одбележувањето на 17-годишнината од неговата смрт.

Делегација на Владата составена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Бујар Османи и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска,  положија венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на градските гробишта „Бутел” во Скопје.

На споменикот на претседателот Трајковски во Струмица, свежо цвеќе положи владина делегација, која ја сочинуваа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски.

Претседателот Трајковски, заедно со осумчлена делегација од неговиот кабинет и членови на екипажот на владиниот авион, трагично ги загубија животите во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.

Со оддавање на должна почит и признание за неговиот исклучителен придонес му искажуваме благодарност на скромниот, искрен и често емотивен Трајковски, кој како шеф на државата во сложени времиња за нашата земја покажа лидерство и знаеше како да ги стави државничките интереси пред тесно партиските интереси.

Во нашето колективно сеќавање претседателот Трајковски останува врежан како човек од народот и човек за народот, но и како државник со непоколеблива визија за нашата земја како општество на сите граѓани и фактор на мирот и стабилноста во регионот.