December 7, 2021 03:37
Свет

Владејачката Единствена Русија соопшти дека обезбедила двотретинско мнозинство

Според прелиминарните податоци, владејачката Единствена Русија освои двотретинско мнозинство на изборите за Државната дума, соопшти денеска Александар Турчак, високорангиран функционер во таа партија.
Партијата доби 315 мандати од 450, што и овозможува да има уставно мнозинство, изјави Турчак.Централната изборна комисија утрово објави дека Единствена Русија, лојална на претседателот Владимир Путин, освои 49,42 проценти од гласовите на парламентарните избори, откако беа преброени 80,1 проценти од гласачките ливчиња, пренесува Бета.На второ место е Комунистичката партија со 19,28 проценти, потоа Либерално -демократската партија на Русија, која освои 7,55 проценти, Праведна Русија со 7,37 проценти и Новата народна партија со 5,37 проценти.

Во Парламентот ќе влезат оние пет партии што го поминаа прагот од пет проценти.

Партијата на растот не го помина цензусот со 2,53 проценти, Граѓанската платформа освои 1,33 проценти, Јаблоко со 1,1 проценти и другите партии кои добија помалку од еден процент од гласовите.

Ова се резултатите за 225 пратеници на Државната дума кои се избираат според пропорционалниот систем, односно преку листи, додека останатите 225 членови на долниот дом на парламентот ќе бидат избрани по мнозински принцип, по индивидуален натпревар на кандидати.

Изборите за Државната дума се одржаа во Русија од 17 до 19 септември.